Влегувањето во НАТО и придвижувањето кон ЕУ, какво-такво, не става на колосек од кој не можеме да одиме лево или десно, мора да движиме право како што налага пругата. Што поскоро одиме во тој правец, полесно ќе ги решаваме и проблемите, вели во интервју за националната агенција „Миа“, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Сепак, смета Азески, најголем предизвик стои пред стопанството, а критичен ќе биде моментот кога ќе почне да престанува државната помош.
Стопанството во овој момент се носи со еден многу тежок предизвик, се бори на повеќе фронтови зашто освен економската и здравствената, тука се и социјалната и политичката криза. Досега вакво искуство не сме имале, ова се случува првпат и затоа нашите предвидувања на почеток беа многу песимистички. Иако мислевме дека ќе има криза во ликвидноста уште летото зашто нашата економија е поставена проблематично (80 отсто од извозот е во ЕУ, а од тие 80 отсто, 70 проценти одат во Германија и тоа го прави една компанија – „Џонсон Мети“), а дополнително во услови на КОВИД имавме и избори, сепак, издржавме, како да го поминавме сето тоа. Но, сега очекуваме дека кога ќе завршат владините поддршки, ќе дојде до некои нарушувања на ликвидноста. Не може да нема последици.
Ова е некој континуитет на кризна ситуација, не може да се предвиди колку ќе трае кризата, но засега добро се носиме.
Кризата од 2008 година практично никогаш и не заврши и ова може да се смета како дел од неа. Застрашувачки е кога ќе се погледне дека оваа криза има контиунитет веќе 12 – 13 години и никако да се најде одговор за неа зашто веројатно општеството, но и целата светска заедница не најдоа начин да се носат со предизвиците.
Кризата нема да заврши брзо, ниту се знае колку ќе трае, а и никој засега не може да предвиди. Сето тоа ги исцрпува светските ресурси и резерви, го отежнува движењето, а тоа е основа за бизнисот. Ако страда бизнисот, ќе страда и стандардот на населението, ќе страдаат развојот и инвестициите. Има предвидувања дека дел од земјите кои имаат посолидна основа, во почетокот на вториот квартал од 2021 година ќе почнат со рестрикции на државната помош и тогаш тие компании што ќе преживеат, ќе треба да го понесат главниот товар. И кај нас има такви. Во топ форма, способни да ги издржат сите предизвици и да опстанат во какви било услови се околу 300 – 500 наши компании од вкупно 90.000 регистрирани (45.000 активни од кои 90 отсто мали и средни претпријатија). Тие всушност ќе ја влечат економијата напред и ќе бидат двигатели на натамошниот развој.
Всушност, ние имаме добри компании кои и во време на криза успеаја да ги задржат и извозот и производството. Нашите компании се во границите на нашите очекувања – тие што солидно работеа во последните десет години, ќе ја издржат кризата, дури и инвестираат, отвораат работни места, но има и такви сектори и фирми кои ќе платат голема цена.
Треба да се спомене и дека не се случи некоја од странските инвестиции во земјава да се откаже или да избега, што е позитивно. – вели Азески.
Азески порачува дека владеењето на правото е клучно, а попис мора да направиме.
Ако нема владеење на правото, нема ни раст на бизнисот. Ние сме заинтересирани за апсолутно стабилизирање на државата, посебно на правосудниот систем. Иако имаше некои реформи, не сме задоволни како тоа функционира во пракса зашто има случаи што се влечкаат со години, а за тоа се ангажираат средства, камати. Мислам дека влегувањето во НАТО и какво-таквото придвижување кон ЕУ не става на колосек од кој не можеме да одиме лево или десно, мора да движиме право како што налага пругата. Што поскоро одиме во тој правец, полесно ќе ги решаваме и проблемите.
За мене голем напредок е и самото сфаќање од страна на државата дека напредок во владеењето на правото мора да има.
Конечно, по многу години, оваа Влада прифати да ги постави клучните прашања на дневен ред – парафискалните давачки, промена на Царинскиот законик, воведување Даночен календар со што однапред ќе се знае по кава процедура ќе се менува оваа алатка која може да предизвика сериозни последици кај фирмите, донесување на законот за холдинг друштва, промени во Законот за извршување кој ја фаворизира државата во однос на приватниот сектор, економска дипломатија која ќе биде ставена во функција на стопанството, докапитализирање на Македонската банка за обнова и развој.
Тука би го спомнал и наследното право кое не е чепнато уште од Југославија, а може да има значителни последици, посебно во аграрот. Во земјите на ЕУ не е дозволено делење на земјиштето при оставинските постапки, туку има други механизми за да не дојде до негово раситнување.
Ова се клучните прашња за кои сме ги убедувале сите влади, но оваа Влада имаше смелост да ги стави на дневен ред, да ги стави на маса, а дали и како ќе одиме понатаму ќе видиме. Засега можам да кажам дека кога одиме на средби во Владата, постои расположение да се разрешат, но се од обемен карактер. Ако порано се носеа законите и имаше проблем во имплементацијата и се заобиколуваше бизнис заедницата, сега бизнис заедницата е вклучена во тоа, а имплементирањето какво ќе биде, ќе видиме, треба да почекаме. – вели во интервјуто за „Миа“ претседателот на Стопанската Комора Бреанко Азески.
OhridNews