Претседателот на Јадранската кошаркарска АБА лига, Жарко Чабаркапа имаше работна посета во Охрид. Тој со преставниците од Кошаркарскиот клуб АВ Охрид, кој од сезонава ќе се натпреварува во Втората АБА лига ја посети спортската сала „Билјанини Извори“ и условите кои ги нуди.

– Голем дел од критериумите кои ги имаме спортската сала во Охрид ги исполнува и тоа ме прави многу среќен и задоволен. Исто така официјално сакам да кажам дека многу ми е мило што АВ Охрид ја прифати нашата покана и одлучи да биде дел од нов и сериозен проект. – рече Чабаркапа.

Тој прошета и околу спортската сала „Билјанини Извори“ запознавајќи се со другите услови, а ќе посети дел и од охридските хотели во кои би се сместувале екипите гости во Охрид.

– Целта на Втората АБА лига е да се подигне општото ниво на кошарка на Балканот. Со Првата АБА лига успеавме во тоа и се изборивме победникот да игра во Евролигата, а сега со Втората лига сакаме што повеќе екипи да приклучиме и да ја промовираме и храниме кошарката. – додаде првиот човек на АБА лигата.

Дебитанската сезона во Втората АБА лига би требало да започне во првата половина од октомври месец, а мечевите ќе се играат преку недела, односно во работни денови.

– Остваривме работна средба со нашиот гостин и разменивме искуства кои ќе ни бидат потребни за учеството и општо за натпреварите кои ќе ги играме како домаќини и гости. Ситни забелешки има, но во најбрз можен рок ќе ги остраниме и подготвени како клуб ќе го дочекаме стартот на новиот проект. – истакна спортскиот директор на клубот, Марјан Бошалески.

Предизвикот ќе биде голем за Кошаркарскиот клуб АВ Охрид, кој само за три години организациски успеа да се наметне надвор од границите на Македонија.

Михаил Постоловски