Близу 69.000 членови на СДСМ денеска ќе избираат претседател на партијата на први директни, внатрепартиски избори. Единствен кандидат претседател е актулениот премиер и прв човек на партијата Зоран Заев. За неговата кандидатура треба да се изјаснат сите активно регистрирани членови на СДСМ.

Изборите ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 19 часот.

Во Охрид внатрепартиските избори ќе се одржат на 9 избирачки места. Општинскиот огранок на владејачката партија информира дека се преземени сите неопходни мерки за уредување на гласачките места согласно со препораките за здравствена заштита од Ковид 19 и дека изборниот процес ќе се одвива по строго утврдени протоколи за заштита од коронавирусот.

Претстојните избори, претставуваат постулат на демократските вредности, каде прв пат во историјата на нашата држава, самите членови на партијата ќе си го бираат својот претседател. Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната и најмодерната партија – СДСМ. – велат охридските социјалдемократи.

Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место. Ќе се гласа со помош на новите електронски картички и документ за идентификација. Информација за текот на гласањето и резултатот ќе биде соопштен во недела по завршување на процесот на гласањето, информираа од партијата.

Како што е познато, единствен кандидат за претседател на првите внтарепартиски избори во СДСМ е актуелниот лидер Зоран Заев, а членовите ќе гласаат со „За“ и „Против“.

OhridNews