Ууу! Ааа! Тоше! Тоше!…ечеше од трибините на Градскиот стадион во Скопје кој не бил толку полн и на натпревари со многу пореномирани фудбалски имиња од за нас незгодната Андора, но нацијата на истекот на денот на жалоста сакаше уште еднаш да се сплоти во тагата и да му оддаде почиот на трагично загинатиот Тоше Проески кој беше голем навивач на репрезентацијата.
Македонија очекувано ја совлада Андора со 3:0 (Наумоски, Седлоски, Пандев), со што е прекинат три годишниот пост на „Градски“, а репрезентативците кои на теренот истрчаа во маици со ликот на Тоше, победата му ја посветија на балканскиот крал на поп музиката.
На теренот против бункерот на андорците одговоривме со брза и течна игра во која создадовме шанси и за уште поубедлив триумф, а на противникот не му дозволивме ниту да го помириса голот на Пачоски. Капитенот Седлоски во 80-от настап за репрезентацијата инспириран, постигна гол и учествиваше во голем број офанзивни акции. Пандев одигра мајсторски. Сето ова на крилјата на 15 илјадната публика која во раце држеше слики на Тоше.
Репрезентативците му ја посветија победата на Тоше
На полувремето беше промовирана новата навивачка химна што Тоше ја сними непосредно пред смртта. Победата над Андора барем малку ја намали тагата за големата загуба и иако нема ама баш никакво резултатско значење, репрезентативците и селекторот Катанец заслужуваат пофалба за начинот на кој ја извојуваа и ја прославија победата.
Горан Момироски