Првата група холандски туристи преку тур-операторот ТУИ Флај се очекува да слетаат на Охридскиот аеродором во понеделник. Според најавите на ТАВ Македонија до крајот на септември, ТУИ Флај ќе реализира вкупно 62 лета до Охрид.

Првиот лет од Амстердам на авиокомпанијата Коредон во летната сезона 2024 беше реализиран на 12 мај кога на Охридскиот аеродором слета првата група од 120 холандски туристи. Корендон ќе реализира вкупно 32 лета до Охрид. Од мај се до октомври ќе има три директни чартер летови неделно од Амстердам до Охрид а околу 690 холандски туристи неделно ќе престојуваат на Охридско-струшката ривиера. Нивните пакет аранжмани се на база на 7, 10, 11 и 14 дневен престој.

Холанѓаните, години со ред, се едни од најбројните туристи кои летуваат на Охридско-струшкото крајбрежје и остваруваат најголем број ноќевања.

Инаку, во првите 4 месеци, јануари – април, од 2024 година, ТАВ Македонија на двата аеродороми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Aеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужи 893.993 патници и 7.343 летови. Бројот на опслужени патници во овој период ги надмина бројките од 2023 година за 19%, додека бројот на летови е за 22% повисок за периодот јануари – април во 2023 година.

Н.С.Ј.