Првиот произведен модел гитара Фендер Стратокастер неодамна е продаден во САД за 250 илјади долари. Како што пренесуваат агенциите, за купувачот на култниот музички инструмент, изработен во 1954 година, единствено се знае дека не е професионален музичар. Продажбата ја посредувал Џорџ Грун, сопственик на продавница за гитари во Нешвил, кој на колекционерот му предложил својот скапоцен инструмент да го изложи во Музејот за музички инструменти во Феникс.

Гитарата носи сериски број 0100. Иако некои стратокастери имаат пониски броеви, почнувајќи од 0001, Грун вели дека сите тие всушност се конструирани подоцна во текот на првата година од производството. Фендер Стратокастер е многу популарен модел електрична гитара, на која свиреле многу познати рок, кантри и поп гитаристи. Заедно со моделите Гибсон Лес Пол, Гибсон СГ и Фендер Телекастер, претставува еден од најпрепознатливите модели електрични гитари. Дизајнот на Стратокастерот денес се смета за вистинска класика во индустрискиот дизајн на гитари на сите времиња.