Македонија ќе биде домаќин на првата Eвропска регионална конференција за активен туризам „AdventureNext – Balkans“, која ќе се оддржи во мај 2016 година, најавија денеска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија. Конференцијата ќе се организира во соработка со Проектот на експанзија на мали бизниси, финансиран од УСАИД, Владата на Швајцарија и Интернационалната асоцијација за активен туризам (ATTA).
-По неколкугодишен ангажман во бројни балкански дестинации и лично искуство со интернационалниот туристички потенцијал на овие новоразвиени дестинации од светска класа, Интернационалната асоцијација за активен туризам ги здружи силите со Македонија за заеднички да ја одржиме првата европска регионална конференција за активен туризам. Настанот е наречен „AdventureNext – Balkans “ и ќе привлече околу 300 лидери и носители на одлуки од областа на туризмот, вклучувајќи и дел од најзначајните интернационални туроператори и медиуми, изјавил Крис Дојл, извршниот директор на АТТА за Европа.
Според прогнозите на Светскиот совет за патувања и туризам (World Travel и Tourism Council – WTTC) балканските држави ќе претставуваат 6-та дестинација според привлечност и атрактивност во светот.
-Развојот на активниот туризам ќе доведе до значителни економски бенефиции за Македонија затоа што активните патувања се најбрзо растечкиот сегмент од светската туристичката индустрија. Македонија е една од земјите која го гледа туризмот како прироритетен економски сектор благодарение на природните ресурси и културно-историските споменици кои привлекуваат многу домашни и странски туристи, истакнал Кристијан Џамбазовски, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
Освен конференцијата „AdventureNext – Balkans“, во рамки на денешната презентација во Скопје, била најавена и обуката „АТТА AdventureEDU“ која ќе се одржи на 27 и 28 март 2015 година и ќе биде наменета за чинители од областа на туризмот.
OhridNews