Да не одиме премногу далеку, да не ја закочуваме Македонија за ЕУ, бидејќи тоа е кусогледо, изјави екс-претседателот на Бугарија, Георги Прванов, во емисијата “12 плус 3” на Бугарското Национално Радио, пренесе Фокус.

„Повеќе од 20 години сум се занимавал како научник и како професија со македонската тема. Имам своите публикации, имам свои остри, лути полемики со историчарите – колеги од Скопје, со политичари, дури и со претседателите на оваа земја. И сум за тоа – да спориме, да го браниме своето историско минато, својата култура од слични напади кои ги следиме, во некои од медиумите, пред сè. Но, да не одиме премногу далеку. Да не ја кочат Македонија за ЕУ, бидејќи тоа е кусогледо. Така, ние ги кочиме Македонците, народ близок до нас, со заедничко потекло, и ја осудуваме нивната иднина. Би требало да е обратно, да им бидеме најголемата поддршка“, вели екс-претседателот Прванов.

На прашањето за наводната антибугарска пропаганда во Скопје, тој вели – знам за тоа многу одамна.

„Во 1986 година, кога речиси никој не го дозволуваше тоа, полемизирав на еден балкански форум, со своите книги и статии. Има други бариери, други гаранции, со кои нема да се дозволат вакви злоупотреби и слични претензии – за малцинство во пиринскиот крај, претензии – ако сакате – тука-таму – за прекројување на границите. Но нема како да ги запреме публикациите, нема како да ги запреме позициите во медиумите, освен со контрапозиции, со уште посилна аргументација, со каква што ние располагаме. Вистината е на наша страна, само треба да инвестираме во научниците, во медиумите, за да може оваа вистина да биде не само популарна во Бугарија, туку и во Европа, бидејќи од Скопје се многу поактивни во тој поглед”, вели Прванов.

„Секогаш сум бил за тоа – науката да се користи при донесувањето на одлуки од институциите. Академијата треба да се користи, но за тоа треба да се стимулира дополнително. Таму имаат скромни, ништожни плати, и ништо повеќе“, коментира Прванов, прашан за намерата на владата да побара БАН да даде мислење за односите со Македонија.

OhridNews
извор:„Макфакс“