Во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул денеска вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и архиепископот охридски г. Стефан одржуваат прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква, на која ќе присуствува и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
На литургијата предводена од поглаварите на двете цркви присуствуваат и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец“.
Во состав, пак, на владината делегација, покрај премиерот Ковачевски се и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски. Предвидено е членовите на владината делегација да бидат примени од вселенскиот патријарх Вартоломеј, а покрај тоа тој ќе има и одвоена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски.
На Патријаршиска и синодална света литургијаприсуствуваат и стотици верници од земјава, кои специјално допатуваа во Истанбул по повод значајните настани кои деновиве се случуваат во древниот Фанар.
На денешната заедничка литургија и претходеа вечерната богослужба во ставропигијалниот манастир „Балаклија” во Истанбул по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“ во четвртокот, по која патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, како и празничната Божествена литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј Победоносец“ по повод именденот на вселенскиот патријарх во петокот, на која молитвено присуствуваа и членовите на нашата црковна делегација.
Потегот на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.
OhridNews