Љубителите на театарската уметност во недела, 10-ти јуни, Во Центарот за култура „Григор Прличев“, ќе може да ја погледнат првата реприза на новата претстава на Народниот театар Охрид „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристевска.
Стаклена менажерија“ е претстава за комплексите, несигурноста и суровоста на современиот човек, кој сосема ја загубил солидарноста и сочувството кон послабиот. Во ова време на либерален капитализам, хуманоста полека исчезнува. Стаклена менажерија е емоционално патување низ комплексноста на семејните односи. Претставата е болен крик за големата неспособност на човекот да љуби, вели режисерката Ристевска. Тоа е претстава која треба да поттикне размислување за статусот на послабите во општеството во кое живееме денес, додаде таа.
Во претставата играат: Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Филип Кипровски.
Овој текст на американскиот автор Тенеси Вилијамс за прв пат се изведува кај нас. Претставата има уникатна кореографија и специјални движења кои ги подготви кореографот Кире Миладиноски. Сценографијата е на Михаел Димитровски, костимограф е Андреј Ѓорѓиевски а фотографијата и дизајнот се на Петар Тасевски.
Билети по цена од 200 денари можат да се набават на билетарницата при центарот за култура во Охрид.
Претставата не е за возраст под 14 години.
OhridNews