На традиционалниот Фестивал на скулптури кој секоја година се организира од Австралиското друштво на скулптури во највлијателното предградие на Сиднеј –  Мосман, нашиот познат скулптор Блаже Крстаноски Блажески ја освои првата награда за неговата моќна и динамична скулптура под име „Знаење“ (Knowledge). На Фестивалот зедоа учество над 90 скулптори од цела Австралија, а истиот започна на 1-ви март и траеше до 26 март кога и се доделија трите награди на најдобрите скулптори.


 
Скулптурата „Знаење“ се состои од серии на хомогено совршЕни кружни форми со кои го носат гледачот симултано на визуелен пат како внатрешно така и надворешно. Изгледа дека не постои почеток ни крај, исто како самото знаење кое е бесконечно. Ова дело јасно ја демонстрира Блажевата вештина и суптилност во работењето со бронза.


 
Блаже Крстаноски Блажески потекнува од древниот Охрид е и реномиран скулпор во Австралија.  Минатата година ја освои третата награда за својата скулптура „Митот на океанот“ на изложбата за скулптури што се одржа во строгиот центар на Сиднеј. Во почетокот на годината се претстави со единаесет скулптури во Париз, а во јуни со триесет скулптури ќе изложува самостално во Сеул во Кореја. Исто така самостално изложувал, покрај Сиднеј, и во Македонија во 2000 и 2004 год. Изложувал групно, покрај Македонија и во Франција, Швајцарија, Италија и Германија. Тој скоро секоја година учествува на далеку познатата интернационална манифестација „Скулптура покрај морето“ во Сиднеј. Неговата уметничка креативност се стави на педестал со поставување во центарот на Воли Крик (предградие на Сиднеј каде капетан Кук ја започна новата историја на Австралија), неговото монументално дело „Танцот на Абориџаните“.

 
Душан Ристевски