Есенскиот првак Вардар, имаше сигурен старт на втората етапа во Првата лига, совладувајќи го тимот на Македонија Ѓорче Петров со 3-1 (1-0) на „Тодор Проевски“ арената.

„Црвено црните“, не брилираа во првиот дел од натпреварот но во финишот успеаја да го најдат патот до противничката мрежа за водство 1-0. На погодокот од Жуниор следеше маестрален продор на Цветаноски на левата страна од теренот.

Дилемите околу победникот, Вардар ги реши до 60-та минута со два нови голови во мрежата на противникот. На 2-0 зголеми Ибиши, а за 3-0 стрелаше Цветаноски. За мала неизвесност се погрижи Бразилецот Нето кој го намали резултатот на 3-1. Во финишот, „лавовите“ креираа неколку прилики, но Вардар не дозволи втор погодок и конфузија на теренот.

Со трите бодови Вардар се одлепи на +11 од Шкендија која утре гостува кај тимот на Академија Пандев. Во останатите средби утре ќе се сретнат Струга Трим Лум – Работнички, Шкупи – Борец, Ренова – Силекс.

OhridNews