Најтрофејниот клуб во македонскиот фудбал, Вардар, на една рунда пред крајот на сезонава ги загуби сите шанси за опстанок во Првата македонска фудбалска лига и официјално од следната сезона се сели во Втората лига-запад.

Маките на Вардар му ги скрати Струга Трим Лум, која славеше со минимални 1-0, на Градскиот стадион „ФК Караорман“ во Струга. Стружани погодок за победа го постигнаа во вториот дел, преку Марјан Алтипармаковски од белата точка.

Сезонава беше турбулетна за Вардар. Скопските „црвени црни“ последни почнаа во летните подготовки, а слична беше ситуацијата и зимскиот период. Над клубот констатно висеа црни облаци, а на моменти имаше бура, која силно влијаеше на резултатите. За Вардар ова е второто отпаѓање, а дали ќе помине како првиот пат кога клубот се фузираше со Миравци време ќе покаже. Покрај Вардар во Втората лига се сели и Беласица.

Победа над Вардар, пак, широко му ги отвори вратите на Струга Трим Лум за пласман во европските натпреварувања. Стружани на една рунда пред крајот имаат два бодови предност во однос на Македонија Ѓорче Петров, која на домашен терен изгуби од Шкендија 4-3.

  • Резултати:

Беласица – А. Пандев 0-2

Борец – Ренова 2-0

Македонија ЃП – Шкендија 3-4

Работнички – Силекс 3-1

Шкупи – Пелистер 0-0

Струга ТЛ – Вардар 1-0

Табела: Шкендија 74, Шкупи 58, Струга ТЛ 54, Македонија ЃП 52, Работнички 47, Пелистер 42, Борец 40, Академија Пандев 38, Силекс 36, Ренова 35, Вардар 31, Беласица 18

OhridNews