Македонскиот првак Вардар во последниот натпревар од 20-та рунда во Првата македонска фудбалска лига со убедливи 6-1 ја совлада Шкендија.


Мечот кој го водеше охридскиот судија Марјан Ецкоски требаше да се одигра во неделата, но поради барањето на МВР, Фудбалската федерација на Македонија го одложи за вторник.

“Црвено црните“ канонадата кон голот на Шкендија ја најавија во првиот дел кога постигнаа четири погодоци. Најдобриот стрелец во лигата Костовски го отвори резултатот, гостите преку Ејупи го израмнаа, а потоа следуваше гол шоуто на “комитите“. Стојков на два пати и Степановиќ донесоа комотна предност 4-1.


Во вториот дел избраниците на тренерот Никола Илиевски “Џиџи“ не престанаа со нападите. Тоа вроди со плод со уште два погодоци. Димитриевски погоди од слободен удар, а Петров во финишот на мечот ги постави конечните 6-1.


Натпреварот на “Филип Втори“ се одигра пред празни трибини откако навивачите на Вардар, “комитите“ го бојкотираа поради одложувањето.

Мх.П.