Фудбалерите на Хоризонт Турново го освоија целиот плен во Охрид победувајќи го составот на Младост од Царев Двор (2-0) во 4-то коло од плејаутот во Првата македонска фудбалска лига.
Гостите од Турново теренската иницијатива во текот на целиот натпревар ја капитализираа во вториот дел во кој постигнаа два ефектни погодоци преку Ѓорги Стоилов и Филип Тимов.
Трите бодови се злато вредни за екипата на Хоризонт Турново која ја задржа предноста од два поени пред Ренова, која пак, се наоѓа на местото кое води во бараж средбите за опстанок во елитата.
Првиот дел во Охрид помина мирно без некоја посериозна прилика за погодок. „Жолтите“ иако ја поседуваа топката не беа решителни во акциите кон голот на противникот.
Се што пропуштија во првиот избраниците на Јане Николоски „наплатија“ во второто полувреме. Стоилов во 56-та минута го отвори резултатот откако од 16-ет метри со одмерен удар ја погоди мрежата на Апостоловски кој го фати на крива нога.
Примениот погодок ги разбуди фудбалерите на Младост кои неколку пати се заканија кон голот на Александар Игески кој пак, со сигурните и навремени интервенции не дозволи погодок во својата мрежа.
Точка на победата и одличната игра за гостите стави Тимов во 90-та минута кој со погодок ја круниса акцијата која почна од самиот гол.
Игески преку половина терен прецизно додаде до Пандев, тој од прва ја спушти топката до Таипи кој од прва го проигра Тимов, овој не погреши во дуелот со Апостоловски и ги постави конечните 2-0.
Турново и Ренова во меѓусебна пресметка во Тетово ќе одлучат која екипа ќе заврши на „сигурната“ прва позиција во плејаутот и која опстанок ќе брка по мечевите во баражот.
Мх.П.