Екипите на Струга Трим Лум и Работнички ги поделија бодовите во пресметката од 27-та рунда во Првата македонска фудбалска лига, ремизирајќи 1-1, на стадионот „ФК Караорман“ во Струга. Струшките „црвено бели“ поведоа со голот на Филип Миленковски, а гостите од Скопје бод обезбедија со погодокот на Марио Станковски.

Стружани на социјалните мрежи се жалеа на судењето од главниот судија Марјан Гоцевски. Од клубот извадоа видео исечок на кој се гледа очигледно играње со рака на играч од Работнички, но Гоцевски не се одлучи да покаже на белата точка. Домаќините пенал бараа и во првиот дел после дуелот на Марјан Алтипармаковски со последниот дефанзивец на гостите.

Двајцата тренери после натпреварот беа едногласни дека ремито и покрај многу возбудувања бил реален исход.

Струга Трим Лум беше далеку подобар противник во првото полувреме. Ние имавме проблем со нивната игра на средината од теренот. Токму од таква ситуација примивме и погодок. Во второто се поправивме, успеавме да постигнеме погодок и да изедначиме, – рече гостинскиот стратег Влахо.

Доминиравме во текот на целиот натпревар, атакувајќи на трите бодови. Одигравме солиден натпревар и нема што да им замерам на фудбалерите. Ние имаме повредени фудбалери, но сите ние сме Струга Трим Лум и нема да се осмелам да кажам дека сме ослабени, – изјави тренерот на стружани, Захариевски.

Струга ТЛ со 41 поен е четвртопласирана на табелата во Првата лига, додека, Работнички со бод помалку е петтопласиран.

OhridNews

 

Прва МФЛ: Реми во Струга, Шкендија ита кон титулата (видео)