Екипите на Силекс и Пелистер ги поделија бодовите ремизирајќи 2-2 (1-1) во воведниот натпревар од втората рунда во Првата македонска фудбалска лига.

Сите тактички замисли на мечот во Кратово паднаа во вода, откако уште во шестата минута Пелистер преку Фазлиу ја погодија мрежата и го отворија резултатот. На домаќините им беа потребни триесетина минути да се вратат резултатски во игра. Во 40-та минута Мустафов изедначи на 1-1.

Кратовчани во 53-та минута успеаја да го свртат резултатот во своја полза. Иваноски стрелаше во мрежата на пелистерци за водство 2-1. Пелистер играше стрпливо и покрај негативата. Наградата за добрата игра стигна во 76-та минута кога Танушев со прецизен шут од слободен удар го израмни резултатот. Силекс во финишот нападна со сите сили, но не успеа да постигне трет погодок и да го освои целиот плен.

Двете екипи после две одиграни рунди имаат по четири бодови. Прволигашките возбудувања продолжуваат утре (сабота) со дуелот Работнички – Беласица, а в недела завршуваат со преостанатите натпревари од втората рунда.

OhridNews