Фудбалерите на Силекс ги освоија трите бодови во Охрид победувајќи го Младост Царев Двор со минимални 1-0 во 20-та рунда од Првата македонска фудбалска лига.
Гостите со организирана игра во одбраната целосно ги неутрализираа домаќините кои не упатија ниту еден удар кон противничкиот гол.
Силекс кон голот на „зелено белите“ се закана уште во првата минута кога ударот на Александар Пановски по центаршутот на Кристијан Филиповски заврши во стативата.
Повеќе се играше на половината од Силекс, а тоа им овозможни можност за брза трансформација во нападот. Токму по една таква акција во 24-та минута кратовчани го отворија резултатот преку Пановски. Стрелецот на голот се ослободи од директниот чувар Љупле Трпески и го совлада Дејан Апостоловски.
Во почетните минути од вториот дел „зелено белите“ имаа иницијатива и во тие моменти ја имаа најубавата шанса. Фудбалерот за врска пресече една топка, биеше од дваесеттина метри малку над голот од Митровиќ.
После еден час игра гостинските фудбалери се ослободија од притисокот и ја нормализираа играта на средината од теренот.
Силекс ќе го решеше прашањето околу победникот ако ударот со глава на Игор Недељковиќ завршеше во мрежата место во стативата.
Сепак, до крајот на мечот домаќините не го загрозија голот на кратовчани кои сосема заслужено ги освоија бодовите во Охрид и ја продолжија трката за високите места на табелата во елитата.
Мх.П.