Фудбалерите на Шкендија, на домашен терен, со 3-1 го совладаа Борец и математички ја осигураа титулата во македонскиот фудбалски шампионат. За тетовските „црвено црни“ ова е трета титула во последниве четири сезони, а вкупно четврта во клупската историја.

Натпреварот на Градскиот стадион во Тетово не започна најдобро за домаќините, кои си постигнаа авто гол и му донесоа водство на гостинскиот состав. Шкендија коцките за триумф, вреден титула, ги намести во вториот дел. Во период од пет минути, од 69-та до 74-та минута, домаќините погодија три пати и комплетно го свртија резултатот во своја полза. Стрелци на головите беа Ибраими, Хебај и Мурати.

Херојски триумф во 29-та рунда забележа Струга Трим Лум, која после голема драма и гол возбудувања, славеа во Ѓорче Петров со 3-2, во дуелот со Македонија. Стружани при негатива од 1-0 во 78-та минута останаа со фудбалер помалку. „Црвено белите“ со два брзи голови поведоа со 2-1. Домаќините на стартот од судиското продолжение изедначија на 2-2. Стружани големата победа во Ѓорче ја обезбедија во последните мигови од мечот, кога стрелаа прецизно од белата точка. Со овој триумф, Струга Трим Лум дојде на бод од Македонија ЃП, која се наоѓа на третата позиција и гарантира излез во Европа.

  • Резултати:

Македонија ЃП – Струга ТЛ 2:3

Пелистер – Ренова 1-0

Шкендија – Борец 3-1

Шкупи – Работнички 2-0

Вардар – Беласица 1-0

Силекс – Академија Пандев 3-2

Табела: Шкендија 68, Шкупи 55, Македонија ЃП 48, Струга ТЛ 47, Работнички 41, Пелистер 38, Академија Пандев 34, Борец 33, Силекс 32, Ренова 31, Вардар 31, Беласица 17.

OhridNews