Во меч со два голови, четири црвени картони, многу возбудувања и голема борба на теренот, екипите на Струга Трим Лум и Шкупи ги поделија бодовите во четвртата рунда од Првата македонска фудбалска лига ремизирајќи 1-1 (0-0).

По сите случувања на теренот ремито е најреален исход а гледачите имаат можност за вистинско фудбалско уживање во Струга.

Први на Градскиот стадион во Струга се заканаа гостите. Силниот и прецизниот удар на капитенот на Шкупи Адили Мевлан го совлада домашниот голман Урош Ѓуриќ но заврши во гредата и резултатот остана оној почетниот.

„Црвено белите“, ја имаа иницијативата на теренот и константно го притискаа ривалот. Таквата игра им донесе две шанси за краток временски период. Шутот на Флоријан Османи за малку заврши покрај голот а обидот со глава на Христија Кировски не ја погоди целта.

Во последната минута од првото полувреме, двете екипи, останаа со играч помалку. Главниот арбитар Петар Мантев им покажа директни црвени картони на Арбен Тафе од домашниот односно Марин Јурина од гостинскиот состав поради неспортска игра.

Стартот од второто полувреме изобилуваше со борбена игра на средината од теренот. Во таквиот развој на настаните Шкупи подобро се снајде и поведе со 1-0. Прецизно од белата точка биеше Сержињо а негативата не беше единствен проблем за домаќините кои останаа без Ардит Касами кој доби втор жолт картон за фаулот во казнетиот простор.

Негативата и играчкиот дефицит не ги поколеба, фудбалерите на Струга ТримЛум кои тргнаа по изедначувачки погодок. Внесувањето во игра на Јахја Абдулхади се покажа одличен потег на исклучениот Јетон Беќири. Охриѓанецот во редовите на струшкиот прволигаш прво го проигра Кировски кој возврати со иста мера а Јахја ја затреси мрежата за егал 1-1.

До крајот на мечот, двата состави, имаа свои шанси за втор погодок, но натпреварот заврши нерешено и со поделба на бодовите.

Струга ТЛ со седум бодови на четвртата позиција ќе ја пречека репрезентативната пауза, додека „сино белите“ со два бодови помалку се наоѓаат на петтото место.

OhridNews