Фудбалерите на Струга Трим Лум го претрпеа првиот пораз во Првата македонска фудбалска лига откако изгуби во Тетово од Ренова со 2-1, додека Шкендија остана без бодови и по вториот меч сезонава после поразот од Силекс (1-0) во Кратово.

Екипата на Ренова отпорот на „црвено белите“ на Градскиот стадион во Тетово го скршија после половина час игра. Ремзи Селмани стрелаше прецизно во мрежата на струшките фудбалери. На стартот од второто полувреме, избраниците на Јетон Беќири ги вратија работите на почеток израмнувајќи преку офанзивниот фудбалер Дејан Цветаноски. Во 84-та минута, Ренова преку Адеми го врати водството и го задржа до крајот и се искачи на врвот од табелата во македонската фудбалска елита.

Тимот на Силекс со евро-голот на Филип Дурански ја совлада Шкендија со 1-0 и дојде до првата победа и бодови во новиот шампионат. Поразот во Кратово е нова шлаканица за Шкендија која не може да дојде при себе после елиминацијата во квалификациите за пласман во Лигата на Шампиони.

Во останатите два натпревари од денешната програмата Борец – Вардар  и Македонија Ѓорче Петров – Академија ги поделија бодовите ремизирајќи без голови 0-0. Вчера, Работнички со 2-0 славеше против Шкупи.

Резултати: Работнички – Шкупи 2-0, Борец – Вардар 0-0, Ренова – Струга Трим Лум 2-1, Силекс – Шкендија 1-0, Македонија ЃП – Академија Пандев 0-0

Табела: Ренова 6, Македонија ЃП 4, Академија Пандев 4, Работнички 3, Струга ТЛ 3, Шкупи 3, Силекс 3, Вардар 1, Борец 1, Шкендија 0

 

OhridNews