Битолските „зелено бели“ натпреварот со Брегалница во 20-та рунда од Првата македонска фудбалска лига ќе го одиграат во Охрид на „Атина Бојаџи“ стадионот.
Пелистер принудно се сели во Охрид поради ненавременото реновирање на соблекувалните на стадионот под „Тумбе Кафе“. Битолчани остро реагираа до Општината која требаше да заврши со реновирањето на подтрибинскиот простор кој е неопходен за мечеви од елитата.
– Ја информираме целокупната македонска јавност, љубителите на фудбалот, навивачите „Чкембари“ дека престојниот натпревар од 20. коло против Брегалница ќе го играме во Охрид. Истовремено информираме дека и покрај сите напори на раководството и Спонзорите на ФК Пелистер во изминатите два месеци во врска со навременото реновирање на соблекувалните во рамки на Градскиот стадион „Под Тумбе Кафе“ не вродија со плод. Сопственикот на стадионот Општина Битола не најде за сходно да одговори на клупските повици и барања за елементарно оспособување на соблекувалние согласно пропишаните критеруми и со тоа да му се овозможи на ФК Пелистер домашните натпревари да ги игра во Битола. Од тука можеме да констатираме дека поради ваквиот однос на Општината, клубот е принуден да игра во други градови, а сето тоа е на директна штета на клубот на патот кон фудбалска Европа. – стои во соопштението од фудбалскиот клуб Пелистер.
Стадионот во Охрид нема да биде непознат за „зелено белите“ кои двонеделни подготовки за пролетната полусезона минаа токму во градот под Самоиловите тврдини. Натпреварот се игра без публика в сабота со почеток во 14 часот.
Фото: Архива
OhridNews