Фудбалерите на Струга Трим Лум и Шкендија, ги поделија бодовите, ремизирајќи 1-1 (1-0), во 13-та рунда од Првата македонска фудбалска лига.
Натпреварот на стадионот „ФК Караорман“ понуди атомски фудбал, доста тензија и два погодоци, кои беа шлагот на тортата. Иако првите шанси за погодок ги имаа гостите, до водство, прв дојде домашниот состав. Дефанзивецот Александар Ристески со глава го матираше голманот Дино Захов, откако беше на вистонско место после нафрлувањето од страна.
Водечкиот погодок на домаќините, дополнително ги разигра гостите. Шкендија креираше шанси, но до крајот на првиот дел немаа одговор за струшката одбрана.
Ниту на стартот од вториот дел не вродија со плод гостински напади. „Црвено белите“ бараа пенал после стартот на Захов над Шабани, но главниот судија Стојчевски одмавна со рака. Кога Струга комплетно се ослободи од притисокот следуваше гол за Шкендија. Струга одигра лошо во одбрана и дозволи лесен контра напад на Шкендија, која преку Бесарт Ибраими изедначи на 1-1.
Во последните десет минути, Ибраими имаше шанса за втор погодок и гостинско водство, но и домаќините имаа свои прилики кои не ги искористија. Струга ТЛ останува без пораз на домашен терен во досегашниот дел од сезоната, додека Шкендија, повторно не успеа да слави во Струга.
Охридските фудбалери Дарко Размоски и Антонио Каланоски во редовите на Беласица беа стрелци на головите во ремито со Работнички, во Струмица. Размоски погоди за 1-0, додека Каланоски од пенал го изедначи резултатот 2-2.
- Резултати:
Беласица – Работнички 2-2
Македонија ЃП – Шкупи 0-0
Пелистер – Силекс 1-2
Ренова – Борец 1-0
Струга ТЛ – Шкендија 1-1
Вардар – А. Пандев 2-0
Табела: Шкендија 27, Македонија ЃП 26, Шкупи 25, Струга ТЛ 20, Борец 19, Вардар 19, Силекс 17, Работнички 14, Пелистер 12, Ренова 11, А. Пандев 10, Беласица 9.
OhridNews