Фудбалерите на Струга Трим Лум ќе играат во европските натпреварувања следната сезона, откако во драматичен и неизвесен натпревар со 1-0 го совладаа Силекс во Кратово и ја задржаа третата позицијата на табелата во Првата македонска фудбалска лига.

Струшките „црвено бели“ комплетно ја заслужија победата вредна билет во Европа, играјќи фајтерски во Кратово, но и во текот на целата сезона. Струга Трим Лум во Кратово победи со фудбалер помалку. Марјан Алтипармаковски доби црвен картон во првиот дел, но тоа не ги поколеба стружани, кои со стрпливаа игра ја исполнија целта. Погодокот за победа на Струга Трим Лум во Кратово го постигна охриѓанецот Абдулхади Јахја во 67-та минута. Ривал на стружани во борбата за позицијата број три беше Македонија Ѓорче Петров. „Лавовите“ победија против Вардар 2-0, но не добија поддршка од Силекс, кој изгуби на домашен терен од Струга Трим Лум.

Екипата на Охрид по пат на ждрепка ќе го добие противникот во баражот. Составите на Ренова и Силекс, кои се наоѓаат во баражот доаѓаат од западната конференција и затоа после ждрепка ќе бидат формирани двојките во баражот. Покрај Охрид во баражот пласман обезбеди и Тиквеш, кој финишираше на втората позиција во источна конференција.

Директен опстанок обезбедија Академија Пандев и Борец, a претходно од отпаѓање од Првата лига се спаси битолски Пелистер. Шампион во Првата лига е Шкендија, а покрај тетовчани и стружани во европските мечеви ќе игра и Шкупи.

  • Резултати:

Академија Пандев – Борец 3-1

Пелистер – Беласица 2-0

Ренова – Работнички 1-1

Шкендија – Шкупи 1-1

Силекс – Струга Трим Лум 0-1

Вардар – Македонија Ѓорче Петров 0-2

Табела: Шкендија 75, Шкупи 59, Струга Трим Лум 57, Македонија ЃП 55, Работнички 48, Пелистер 45, Академија Пандев 41, Борец 40, Силекс 36, Ренова 36, Вардар 31, Беласица 17.

OhridNews