Екипата на Младост од Царев Двор прокнижи нови три бодови на прволигашката табела победувајќи го Силекс во Охрид со 3-1 во шестата рунда од националниот шампионат.
До третата победа вкупно во елитата домаќините стигнаа со трите погодоци постигнати во првиот додека гостите во вториот дел успеаја само да го ублажат поразот.
Победата во 3-та минута ја најави Благојче Марковски кој со погодок ја круниса асистенцијата на охриѓанецот Сашо Ѓорески.
Антонио Каланоски во 40-та минута со помош од противничкиот играч Благој Гуцев го дуплираше водството (2-0).
Пред последниот судиски свиреж во првиот дел Мирко Симјановски од втор обид успеа да го совлада Милан Митровиќ за убедливи 3-0.
Силекс во вториот дел фрли се на една карта, но само што успеа беше да го намали поразот.
Во 70-та минута Игор Недељковиќ од пенал го совлада сигурниот Илче Петровски кој одбра погрешна страна.
Со трите бодови Младост стигна до деветтиот бод во Првата лига додека кратовчани останаа на десет освоени во претходните натпревари.
Мх.П.