Екипата на Струга Трим Лум, експресно им се врати на победите во Првата македонска фудбалска лига. „Црвено белите“ на Градскиот стадион „ФК Караорман“ со минимални 1-0 (1-0) ја совладаа Ренова и запишаа нови три бодови на прволигашката табела.
Стружани фуриозно го започнаа натпреварот и креираа неколку прилики во серија. Гостите со добра игра во одбрана оддолеаја на нападите. Сепак, капитулираа во 30-та минута. Одбранбениот фудбалер Клисман Цаке со помош на противнички фудбалер ја затресе мрежата на Ренова.
Второто полувреме помина во знакот на Ренова. „Гипсарите“ го надиграа противникот, но не успеја да постигнат погодок. Шанси имаше Шефити Шефит, Емран Рамадани и Ален Јашароски, кои не ја погодија целта.
Со новиот триумф и трите бодови, Струга Трим Лум се проби во горниот дел од табелата, додека Ренова е на претпоследната позиција со ист број на бодови како и Беласица.
Струга Трим Лум и Ренова, нова средба ќе одиграат в среда во рамките од 1/4 финалето во Купот на Македонија.
Струмичка Беласица врза две победи во серија. После триумфот во градското дерби со Академија Пандев, Беласица му го зеде скалпот на Силекс во Кратово, со минимални 1-0. Стрелец на погодокот вреден победа за Беласица беше охриѓанецот Антонио Каланоски, во финишот од натпреварот.
За издвојување се и двата голови на Валентин Кочоски за Пелистер во поразот 3-2 од Академија Пандев. Кочоски стрелаше прецизно за 1-1 и 2-2, но „пандевци“ постигнаа трет погодок кој им донесе победа.
- Резултати:
Борец – Вардар 0-2
Струга ТЛ – Ренова 1-0
Шкендија – Шкупи 1-1
А. Пандев – Пелистер 3-2
Работнички – Македонија ЃП 1-3
Табела: Шкендија 26, Македонија ЃП 25, Шкупи 24, Струга ТЛ 19, Борец 19, Вардар 16, Силекс 14, Работнички 13, Пелистер 12, А. Пандев 10, Ренова 8, Беласица 10.
OhridNews