Екипите на Струга Трим Лум и Академија Пандев ги поделија бодовите, ремизирајќи 1-1 (0-0) на Градскиот стадион „ФК Караорман“, во 15-та рунда од Првата македонска фудбалска лига.
„Црвено белите“ втор пат во серија ремизираат на домашен терен. Претходно, стружани го поделија пленот со Шкендија. На спротивната страна Академија Пандев го освои вториот бод на гостински терен сезонава.
Првото полувреме, кое заврши без победник не изобилуваше со шанси. Струга Трим Лум ја чуваше топката во свој посед, но не успеа да креира некоја посериозна прилика.
На стартот од вториот дел, стружани го засилија темпото и почнаа да го притискаат противникот. Таквата игра вроди со плод во 57-та минута кога Александар Ристески од пенал го отвори резултатот. Дефанзивецот го надмудри гостинскиот голман од белата точка.
„Пандевци“ после негативата заиграа нешто по храбро и се отворија. Се заканија неколку пати од прекини, но стружани оддолеваа. Но отпорот „пукна“ во 71-та минута кога Ѓорѓи Стоилов со евро-гол од слободен удар го израмни резултатот.
„Црвено белите“ во завршните 15-тина минути фрлија на една карта и нападнаа. Но за издвојување се двата удари на Марјан Алтипармаковски, кои заврши покрај односно над голот.
- Резултати:
Беласица – Македонија ЃП 1-3
Пелистер – Шкупи 1-3
Ренова – Силекс 0-0
Струга ТЛ – А. Пандев 1-1
Вардар – Работнички 0-0
Борец – Шкендија 0-2
Табела: Шкендија 33, Шкупи 31, Македонија ЃП 29, Борец 22, Силекс 21, Струга ТЛ 21, Вардар 20, Работнички 18, Ренова 15, Пелистер 12, А. Пандев 11, Беласица 9.
OhridNews