На едно коло пред крајот од полусезоната Вардар ја завери титулата есенски шампион. “Црвено црните“ со минимални 1-0 ја совладаа Дрита во одложениот натпревар, кој место во Боговиње се играше на градскиот стадион во Тетово.
Актуелниот првак во Првата македонска фудбалска лига, Вардар долго време се мачеше да го скрши отпорот на Дрита. Херој на “комитите“ е напаѓачот Борче Маневски постигнувајќи гол во 87-та минута од мечот.
Вардар по 17 одиграни натпревари има освоено 35 бодови додека второпласирана е екипата на Хоризонт Турново со 32. Поради подобриот меѓусебен дуел “црвено црните“ ќе презимат на првата позиција во елитната лига.