Фудбалерите на Борец, пред своите гледачи во трилер натпревар со 3-2 (2-2) го совладаа составот на Струга Трим Лум и прокнижија значајни три бодови во трката за опстанок во Првата македонска фудбалска лига.

Борец со победата на домашен терен стигна до вториот триумф во елитата, додека екипата на Струга Трим Лум нема начин за излез од резултатска криза. Стружани шести натпревар во серија немаат победа и од средината на табелата „паднаа“ во долниот дел.

Мечот во Велес, стружани го отворија со погодок откако Христијан Кировски погоди за 1-0. На домашните им требаше половина час да се соземат и да го изедначат резултатот. Христијан Драгарски постигна авто гол и Борец ги изедначи бројките на семафорот. Домашниот состав во 41-та минута од белата точка поведе со 2-1, а минута подоцна Кировски со вториот погодок изедначи на 2-2. Погодокот за одлука на трилер мечот во Велес го постигна Прелчеч кој стрелаше за 3-2 во 57-та минута. До крајот на мечот, Струга ТЛ не успеа да постигне погодок и избегне пораз.

После паузата поради репрезентативните обврски Струга ТЛ ќе се сретне против тимот на Работнички на гостински терен во Скопје.

Резултати:

Работнички – Ренова 1-0

Шкендија – Вардар 0-0

Академија Пандев – Силекс 2-0

Борец – Струга ТЛ 3-2

Македонија ЃП – Шкупи 0-0

Табела: Вардар 20, Академија Пандев 18, Македонија ЃП 15, Шкупи 13, Ренова 13, Шкендија 11, Работнички 10, Силекс 9, Струга ТЛ 8, Борец 8.

OhridNews