Водечката екипа во Првата лига, Вардар извојува значајна победа на гостувањето во Велес совладувајќи го домашниот состав Борец со минимален резултат 0-1 (0-1). Со новите три бодови, скопските „црвено црни“ повторно се одлепија на 11 бодови од Шкендија која утре во Кратово ќе го одигра мечот од оваа рунда.

Фудбалерите на Вардар не ја повторија грешката од есенската полусезона кога ремизираа во Скопје и одиграа далеку подобар натпревар на стадионот „Зоран Паунов“. Пулените на Александар Васоски доминатната игра ја капитализираа со погодок во 33-та минута. Повратникот во екипата Даниел Аврамоски ја испрати акцијата до крај и одбиената топка ја смести во мрежата на домаќините.

До крајот на првиот дел и цело второ полувремее, Вардар успеа да го задржи водството и да го преточи во важен триумф во борбата за титулата.

Во утрешните натпревари од Првата лига покрај средбата Силекс – Шкендија ќе се одиграат Македонија ЃП – А. Пандев, Работнички – Шкупи, Ренова – Струга ТЛ.

OhridNews