Фудбалерите на Академија Пандев, остануваат на врвот од табелата во Првата македонска фудбалска лига откако на стадионот „Младост“ во Струмица со 2-0 (1-0) ја совладаа екипата на Ренова од Тетово.

„Пандевци“, не беа подобри од „гипсарите“, туку беа ефикасни во завршницата од нападите и ги обезбедија трите бодови. Тетовчани, имаа свои прилики, но затаија во реализацијата што не беше случај на спротивната страна. Стрелци на головите за струмичани беа Рајковиќ во првиот односно Крстовски во вториот дел.

Академија Пандев после пет одиграни мечеви има четири победи и еден нерешен исход и моментално ја има најдобра форма и резултати во македонската фудбалска елита. Петтата рунда во Првата лига ќе се комплетира утре со мечевите Вардар – Струга Трим Лум, Шкендија – Работнички, Македонија ЃП – Борец и Шкупи – Силекс.

OhridNews