Викендов во малиот изложбен салон на Центарот за култура ,,Григор Прличев” беше отворена меѓународната изложба Екс либрис која е проект на Друштвото на ликовни уметници на Македонија(ДЛУМ).
На отворањето до присутните се обрати Тања Балаќ, претседател на ДЛУМ.
„Мило ми е што најстарата ликовна организација во земјава ДЛУМ која идната година ќе наполни 50 години за првпат изложува на Охридско лето и тоа со меѓународна изложба, а планираме во иднина и да склучиме Меморандум за продлабочување на нашата соработка со најстарата и најпрестижна музичко- сценска манифестација.”-рече Балиќ.
На оваа меѓународна и прва од ваков тип изложба учествуваат 45 странски и домашни автори со повеќе од 80-тина дела Екс либрис графики минијатури. Меѓу македонските автори- графичари се вбројуваат Соња Димовска, Марија Димовска, Маја Кировска и др. , како и реномирани автори од Аргентина, Бразил, Индија, Словачка, Египет, Србија и Бугарија. Токму добитникот на Гранд при наградата на ова прво издание на Екс либрис Скопје е авторот Десислав Гечев од Бугарија со делото „Искушение”, а наградата се состои во самостојна изложба на Гечев во галеријата на Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје.
За графиките минијатури и Екс либрисот како медиум за изразување, Соња Димовска, академски графичар и координатор на проектот истакна:
„Иако ова е прва изложба од ваков тип кај нас, сепак побуди голем интерес кај авторите без разлика дали се занимаваат само со графика или друга ликовна дисциплина. Екс либрис како категорија на ликовно изразување постои во светот подолго време, но дури со појавата на модернизмот и индустриската револуција некаде на самиот почеток на 20 век почнува да се третира послободно во ликовна смисла. Оваа изложба опфаќа само мал дел од она што се случува на графичката сцена, но ги отсликува полниот дух и посветеност на авторите.“
Атанас Ботев, координатор на проектот, ги образложи техничките аспекти на изложбата:
Екс либрис е латински збор кој во буквален превод значи ,,од книга”, така што овие минијатури може да се разберат како илустрации за во книга. Инаку графиките се работени и собирани во период од 3 години, а критериумот за учество беше да не бидат постари од пет години. Тие се селектирани од различни ликовни колонии низ светот така што некои од авторите ги поканивме ние кога изложувавме таму, некои имаа ентузијазам и се пријавија сами на оваа прва во земјава од ваков тип, Меѓународна екс либрис изложба. Така успеавме да го склопиме мозаикот и она што го гледаме тука. Со оглед на тоа што графичките изложби во земјава се ретки, се надеваме дека ова ќе биде стимулација за домашните графичари и дека оваа изложба ќе премине во биенална. “- дополни Ботев.
Досега изложбата била изложена во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје и во галеријата при националниот театар во Гевгелија.
За сите љубители на графичката уметност, изложбата ќе биде отворена и денес.