Екипата на Воска Спорт не го доигра првенствениот натпревар од Првата лига со Вардар што се играше денеска во Охрид. Домаќините незадоволни од одлуката на судиите да се признае израмнувачкиот гол на Вардар откако топката од пречката се заврши зад голманот на Воска Спорт но, нејасно дали ја мина гол линијата. Во домашното првенство не постои гол и ВАР технологија, поради што ваквите спорни ситуации предизвикуваат голем револт. Овојпат Воска Спорт отиде чекор понатаму и во 76. минута екипата се повлече од натпреварот кој, како што се наведува во клупското соопштение, изобилувал со спорни судиски одлуки.

Од првата минута на натпреварот нашите играчи не беа рамноправни на теренот со противниците а серијата неправедни судиски одлуки, значително влијаеа на текот на играта и исходот на натпреварот. Судиите постојано носеа контроверзни одлуки, што доведе не само до нечесна игра, туку и низа неосновани опомени и казни кон нашите играчи. За жал, поради овие сериозни неправди, во 76. минута нашиот тим беше принуден да се повлече од игра. Сметаме дека ова беше единствената можна одлука да ги заштитиме правата на нашите играчи и спортскиот интегритет, стои во соопштението што Воска Спорт го издаде по мечот со Вардар кој не го доживеа својот крај

Охридскиот прволигаш бара од ФФМ да ги разгледа спорните одлуки на судиите и да преземе мерки за спречување вакви ситуации во иднина.

На потег е ФФМ која треба да го регистрира натпреварот на зелена маса и да ја разгледа жалбата на Воска Спорт.

Г.М.