Кошаркарите на АВ Охрид со триумф ја започнаа новата сезона во Првата лига, откако славеа во Струмица против истоимената екипа со 90-76 (28-18, 20-26, 25-15, 17-17).
„Галебите“ во текот на целиот меч ја контролираа играта и резултатот и заслужено ги запишаа првите бодови на табелата.
Ваквиот развој на настаните охридските кошаркари го најавија со фуриозната прва четвртина која ја добија со 28-18. Домаќините во вториот период фатија резултатски приклучок, откако ја добија со плус шест 26-20.
Сите дилеми околу победникот охридските сини ги решија во третиот квартал во кој ја вратија двоцифрената предност (73-59).
Во последната четвртина охриѓани ја задржаа предност од 14 поени и стигнаа до значајна победа на стартот од сезоната.
Кај охриѓани поентерски се истакна Реми Бери кој постигна 40 поени, 21 зад своето име запиша Рос Милер, најискусниот Слободан Михајлоски стигна до 11 кошеви, а 9 реализираше Станислас Цонков. Во гостинскиот состав 18 поени постигна Кевин Стајс, а 15 Дајл Тејлер.
Во втората рунда „галебите“ пред своите гледачи ќе го пречекаат составот на Куманово.
Мх.П.