Охридските кошаркари не успеаја со победа да ја затворат есенската полусезона во Првата македонска кошарска лига и да ја продолжат победничката серија, откако не очекувано на домашен терен претрпеа пораз од Пелистер 77-69 (19-13, 18-22, 21-17, 19-17).

„Галебите“ пред своите гледачи во натпревар посветен на прерано починатиот Градоначалник Јован Стојаноски одиграа под своите можности. Пелистер, речиси во целиот меч го контролираше резултатот и заслужено стигна до втората победа во елитното друштво сезонава.

Гостинските кошаркари многу добро го започнаа мечот. Прво поведоа со 4-0,  а потоа со 6-2, а разликата од четири поени се провлекуваше до 10-6. Во следниот напад „пелистерци“ погодија за три поени и стигнаа до плус седум (13-6). Домаќините не се стабилизираа, но не дозволија предноста на гостите да се зголеми. Намалија на 15-11, но „зелено белите“ во финишот од првата четвртина постигнаа четири, а гостите два поени за 19-13.

Избраниците на Петар Чочороски правото лице го покажаа во втората четвртина. Со поентерска серија од 12-5 ја анулираа предноста на гостите и го презедоа водството (25-24). Заиграа како што треба, но Пелистер и покрај налетот на домаќините не се откажа и се бореше за секоја топка. После голема борба, „галебите“ ја добија четвртината со четири поени (22-18), но негативата остана (37-35), бидејќи во првиот квартал гостите стекнаа позитива од шест поени.

Третиот период им припадна на гостинските кошаркари со 21-17. Брзоплетоста и избрзаните удари за три поени ги чинеше охриѓани негатива. „Пелистерци“ одиграа мудро и без брзање ја казнуваа секоја грешка на домаќините. „Сино белите“ не ги искористија ниту проблемите во гостинскиот состав со техничките грешки и им дозволија да соберат сили и со позитива од шест поени да ја започнат последната четвртина.

И покрај се што се случуваше домашните кошаркари во последниот квартал имаа можност и шанса за поволен резултат. Решителност, прецизност и смиреност што ги красеше охриѓани на претходните три мечеви изостана во дуелот со Пелистер кој знаеше да ги казни сите грешки. Неколку пати при негатива од еден или два поени домаќините брзоплето и без акција ги завршуваа нападите, а победата им се оддалечуваше. На крајот, Пелистер заслужено се радуваше и ја извојува втората победа во македонската кошаркарска елита сезонава.

Во тимот на Пелистер најпрецизен заврши Билер со 32 кошеви, а по него следуваа Харис со 18 и Арсоски со 10 поени. Кај охриѓани најефикасен беше Миладиновиќ со 16 кошеви, а двоцифрен учинок имаа уште Милојевиќ 11 односно Младеновиќ кој уфрли 10 поени.

Во Првата лига следува пауза, а втората полусезона продолжува на средината од јануари месец следната година.

OhridNews