Дебитантот во Првата лига, Блокотехна стави точка на победничката серија на АВ Охрид, откако во исклучителен возбудлив меч славеше со 92-78 (29-18, 16-18, 23-19, 24-22) во Гевгелија во седмата рунда од националниот шампионат.

„Галебите“ го претрпеа третиот пораз сезонава, додека Блокотехна се врати на победничките патеки после поразот од Работнички минатата рунда.

Охриѓани цели осум минути беа егал со тимот на Блокотехна, кој со серија со 10-1 стигна до двоцифрена предност (26-14), а со таква и го доби првиот квартал (29-18).

Вистинското лице и целиот потенцијал охридските кошаркари го покажаа во втората четвртина. Во моментите кога имаа најголема негатива (35-21) со поентерска серија од 7-0 го „раситнаа“ водството на „жолтите“ и се вратија во игра. Сепак, Блокотехна го издржа налетот на „галебите“  и успеа да ја задржи разликата на семафорот и на одмор замина со +9 (45-36). 

Добриот почеток на третиот период на домашните кошаркари одново им донесе двоцифрена предност (61-45). „Галебите“ и покрај силните напади кон кошот на домаќините успеаја само за три поени да ја намалат негативата (68-55).

Последните десет минути донесоа возбудлива кошарка. Охриѓани повторно ја „раситнаа“ предноста на семафорот и донесоа немир во домашниот состав. Во клучните моменти неколку сомнителни одлуки отидоа на сметка од домаќинот и со ветар во грб резултатски се стабилизираа. Кога веќе беше решен победникот, домаќините постигнаа неколку поени во серија и стигнаа до победа со двоцифрена предност (92-78).

Најефикасен во редовите на АВ Охрид беше Реми Бери со 34 поени, двоцифрен учинок имаа уште Емир Зимиќ (17п) и Стеван Глигоријевиќ (10п). Во домашниот состав најпрецизен беше Двејн Бенџамин со 20 кошеви, а еден помалку постигна Данило Мијатовиќ.

OhridNews