Екипата на Црн Дрим Грин Мобиле со пораз ја започна новата сезона во македонскиот кошаркарски шампионат, откако на домашен терен изгуби од ТФТ со 69-79 (16-18, 25-22, 14-18, 14-21).

Дуелот на новајлиите во втората рунда од македонското елитно кошаркарско друштво помина во знакот на борбата и гостинскиот состав. Кошаркарите на ТФТ речиси во текот на целиот натпревар имаа водство, а стружани имаа моментални блесоци, но и многу падови во играта, кои на крајот беа причина за неуспех на стартот.

Гостите максимално го искористија лошиот старт на струшките кошаркари и поведоа со 10-0. „Црно белите“ брзо се консолидираа, ја стабилизираа играта и до крајот на првиот квартал успеаја да намалат на минус два (16-18).

Во втората четвртина, кошаркарите на Црн Дрим Грин Мобиле ги сведија грешките на минимум, а со добра игра во одбрана поведоа и го презедоа кормилото во натпреварот. Во играта „кош за кош“ подобро се снајде домашниот состав кој на одмор замина со еден позитива 41-40.

Тимот на ТФТ со серија од 11-2 го отвори третиот квартал и стигна до плус осум (51-43). Стружани во продолжение повторно најдоа сили и мотиви стигнувајќи ја негативата. Во еден момент и заводеа со 55-54, но гостите со четири поени серија обезбедија плус три (58-55) во пресрет на решавачките десет минути.

На почетокот од четвртиот квартал, стружани ги повторија грешките од првата и третата четвртина и им дозвоија на гостите нова двоцифрена предност (70-59). Избраниците на Петар Чочороски играа до крај и не се предадоа, но негативата беше голема и недостижна. ТФТ победи со 79-69.

Тајрон Херис со 33 поени беше најпрецизен во ТФТ, а голема поддршка доби од Лалан Андерсон кој реализираше 18 кошеви. Во домашниот состав најефикасен беше Кори Рос со 25 поени.

OhridNews