Кошаркарите на АВ Охрид ја забележаа третата победа во Првата лига, откако со звукот на сирената го совладаа Пелистер 78-77 (20-19, 27-14, 17-19, 15-24) во Битола.

Човек на одлука беше Рос Кенет кој погоди од речиси невозможна позиција преку раката на Лукас за голема победа на „галебите“.

Домашните кошаркари имаа подобар почеток на мечот во спортската сала „Младост“. Трите погодени тројки во краток период им донесоа најголемо водство (18-10) во текот на натпреварот.

Најголемата негатива ги „разбуди“ охриѓани, кои вратија о серија (7-0) за минус еден на семафорот (18-17). До крајот на првата четвртина двете екипи погодија по еднаш за 20-19.

„Галебите“ вторите десет минути во Битола ги започнаа фуриозно во напад и мошне сигурно под својот обрач. Охридските сини го презедоа водството (30-23) и кормилото на мечот.

Од минута во минута растеше предноста на семафорот и после дваесет минути игра избраниците на Петар Чочороски имаа водств од 46-34.

Третиот период охриѓани иако го изгубија со (19-17) го задржаа водството и со десет поени влегоа во последниот квартал.

Таму комплетно потфрлија и ги вратија домашните кошаркари во игра за победа. Во последните десеттина секунди Пелистер со трите поени на Атанасовски стигнаа до водство (77-76), а на охриѓани имаа припаднаа последните три секунди.

Американецот Рос Кенет ја прими топката и биеше прецизно за „штама“ во Младост и голема радост на охридскиот состав.

Најпрецизен во составот на АВ Охрид беше Реми Бери со 31 поен, херојот Рос Кенет реализираше 18 кошеви, а двоцифрен учинок имаше дебитантот Емир Зимиќ (13п). Во тимот на Пелистер најмногу се истакна Лукас кој постигна 29 кошеви.

Во следната шеста рунда „галебите“ на домашен терен ќе го пречекаат составот на Шкупи.

Мх.П.