Kошаркарите на АВ Охрид запишаа нови два бодови на табелата совладувајќи го Вардар со 93-80 (28-13, 17-23, 25-18, 23-26) во последната рунда од регуларниот дел во Првата лига.
За охридските бели ова е четврти триумф вкупно, прв на гостински терен сезонава исклучувајќи ја службената победа со Куманово. Бодовите од овој натпревар се многу важни, бидејќи „црвено црните“ ќе бидат директен ривал на „галебите“ во плејаутот.
Добрата игра во одбрана и ефикасноста во нападот им донесе предност од осум поени (10-2) уште на стартот на охридските кошаркари. „Галебите“ за кратко време стекнаа и двоцифрено водство кое на крајот од првата четвртина изнесува +15 (28-13).
Домаќините со серија 7-0 го започнаа вториот период и ја раситнаа двоцифрената предност на охридските кошаркари. Избраниците на Петар Чочороски се консолидираа и ја задржаа предноста од девет поени за 45-36 на полувремето.
„Галебите“ загубената предност во вториот период експресно ја вратија во третиот кој го добија со 25-18. Во последните десет минути охриѓани го издржаа налетот на домаќините и забележа заслужена победа 93-80.
Најпрецизен во охридскиот состав беше Девин Брукс со 32 поени, 15 уфрли капитенот Слободан Михајловски, Антонио Донески и Лука Милојевиќ зад своето има запиша 14 кошеви, а двоцифрен учинок имаше и Шејн 11. Во домашната екипа се истакнаа Калов со 23 поени и Србиновски со 19 кошеви.
OhridNews