Кошаркарите на АВ Охрид забележаа сензационална победа во спортската сала „Младост“ во Гостивар совладувајќи го истоимениот состав со (94-89) во 10-та рунда од Првата кошаркарска лига.

„Галебите“ одиграа маестрален натпревар. Не потклекнаа пред притисокот, негативата од 16 поени и го „треснаа“ аспирантот за висок пласман во македонската кошаркарска елита.

Дека има капацитет охридскиот состав за надигрување покажа првата четвртина. Охриѓани отворија со 11-3,  а домаќините возвратија со иста мера за прво водство 14-13. До крајот на првиот квартал предноста во свои раце ја имаа двете екипа, а им припадна на охриѓани (28-26).

На стартот од втората четвртина домаќините со поентерска серија од 13-2 стигнаа до највисока предност од 9 поени (39-30). „Галебите“ ја стабилизираа играта и не дозволија да ја загубат атмосферата во одлична атмосфера. Гостиварчани на полувреме заминаа со плус седум (50-43).

Третата четвртина поентерски помина изедначено (17-17), а Гостивар ја задржа предноста од полувремето. Двете екипи имаа свои мигови. Гостивар добро почна и обезбеди предност (61-45), а Охрид финишираше преполување на негативата 77-70.

Последните десет минути се едни од најдобрите на охридските кошаркари. Гостивар водеше, но Охрид со констатно постигнување на поени се бореше за позитива. Наградата за пожртвуваната игра пристигна на три минути до крајот кога охридските кошаркари поведоа со 84-83. Водството стигна и до 88-83. Гостивар на крилата од публиката се врати во игра и поведе 89-88. Но, „галебите“ со добар финиш ја зграпчија победата и наговестија борба за местата кои водат во Супер лигата.

Со триумфот над Гостивар, АВ Охрид стигна до третата победа во елитата, додека Гостивар претрпе пораз после пет победи. Во последната рунда од есенската полусезона охридските кошаркари ќе го пречекаат битолски Пелистер.

OhridNews