Кошаркарите на МЗТ Скопје забележаа нова победа во Првата лига совладувајќи го составот на АВ Охрид со 88-61 (17-10, 29-11, 20-21, 22-19) во рамките од 16-та рунда од македонскиот кошаркарски шампионат.

„Штрковите“ во целост ја оправдаа фаворитската улога и на охридските кошаркари не им дозволија простор да се понадеваат на било какво изненадување.

Сите дилеми околу победникот избраниците Ѓорѓи Кочов ги решија после дваесет минути игра. Првиот квартал им припадна со 17-10, а вториот 29-11. Третата четвртина „галебите“ ја добија со 21-20, а домаќините последната со 22-19 за убедлив триумф (88-61).

Во тимот на МЗТ Скопје имаше неколку кошаркари расположени за игра, а најпрецизен заврши Андрија Бојиќ кој уфрли 15 поени. Два помалку постигна Предраг Самарџиски, а 12 реализираше Љубомир Младеновски. Најефикасен на мечот заврши Миљан Дрекаловиќ од тимот на АВ Охрид кој постигна 31 поен.

Во следната рунда МЗТ Скопје силите ќе ги одмери со Работнички, а АВ Охрид ќе го пречека Фени Индустри.

OhridNews