Кошаркарите на Куманово го забележаа првиот триумф во Првата лига, откако во втората рунда во „Билјанини Извори“ го совладаа тимот на АВ Охрид со 91-73 (12-31, 26-19, 13-16, 22-25).

„Галебите“ одиграа далеку под своите можности на стартот од првата четвртина и им дозволија на гостите контрола на мечот. Домашните кошаркари шест и пол минути не постигнаа кош од игра, додека гостите реализираа 13 за водство од девет поени. До истекот на првите десет минути Куманово го зголеми водството на 19 поени (31-12).

Пулените на Петар Чочороски се „разбудија“ во втората четвртина и успеаја во неколку наврати да ја намалат негативата на десет поени, но не и да ја „раситнат“. Кумановчани покрај загубената четвртина (26-19) на одмор заминаа со 12 поени позитива (50-38).

 

Третиот период беше најнефикасен на мечот, а тоа им отиде во пригол на гостите кои ја задржаа предноста (66-51) пред решавачките десет минути во „Билјанини Извори“.

Кошаркарите на Куманово четвртата четвртина рутински ја спроведоа и не им дозволија на домаќините да се разиграат. Конечната победа 91-73 им ги донесе првите бодови на табелата и им ги залечи раните од поразот на стартот од сезоната.

Поентерски кај „сините“ се истакнаа Караџовски (21п), Јанески (17п), Коваќ (16п) и Грифин (15). Во домашниот состав двоцифрен учинок имаа Рос Кенет (21п) и Реми Бери (16п).

Во третата рунда во националниот шампионат охриѓани гостуваат во Кавадарци кај Фени Индустри, но прво ќе играат со Ловчен во Втората АБА лига.

OhridNews