Кошаркарите на Гостивар го освоија целиот плен во СРЦ „Билјанини Извори“ победувајќи го тимот на АВ Охрид со високи 92-55 (22-16, 24-19, 16-12, 30-8) во претпоследната рунда од регуларниот дел во Супер лигата.
Избраниците на Марјан Србиновски со убедливиот триумф им се реваншираа на охриѓани за поразот во салата „Младост“ во првата полусезона од Првата лига.
Првите две четвртини не наговестуваа ваков расплет во Охрид. Гостивар го контролираше резултатот, но охридските кошаркари грчевито се бореа и покрај негативата. Првиот квартал гостите го добија со 22-16, додека вториот со 24-19 за плус 11 на полувреме.
Во третата четвртина Гостивар го зголеми водството за дополнителни четири поени, откако им припадна со 16-12. Играта на „галебите“ се распадна во последниот квартал во кој постигнаа само осум поени, а гостите со 30 поени до врв го наполнаа противничкиот кош.
Најефикасен во тимот на Гостивар беше Жозе Фурстингер со 23 поени, а двоцифрен учинок имаа уште Тенксли Ефиани (14п), Ренато Димитриевски (12п) и Бојан Трајковски (11п). Помеѓу охриѓани 15 кошеви реализираше Александар Андрејевиќ, а 10 постигна Андреја Атанасов.
Во последната рунда од Првата лига, АВ Охрид гостува во Битола, а силите ќе ги одмери со Пелистер.
OhridNews