Кошаркарите на Гостивар ставија точка на серијата порази во Првата лига, откако во осмата рунда од шампионатот после голема борба го совладаа тимот на АВ Охрид 81-77 (27-21, 17-15, 13-24, 24-17) во „Билјанини Извори“.

Охриѓани без разлика на четвртиот неуспех сезонава одиграа фантастичен натпревар и вистинска штета што не стигнаа до победата. Гостиварчани, пак, до триумфот дојдоа со добар и ефикасен финиш.

Натпреварот подобро го отворија гостите кои прво поведоа со 9-5, а потоа со 12-6. Водството кошаркарите од Гостивар го зголемија на плус девет за 21-12. Охридските кошаркари се консолидираа и успеаја да намалат на 27-21 до финишот на првиот дел.

На стартот од вторите десет минути „галебите“ со серија од 7-2 дојдоа до минус два (30-28). Гостинските кошаркари ја стабилизираа играта и ја вратија предноста од седум поени 37-30. Во продолжение не се промени водството и избраниците на Марјан Србиноски на одмор заминаа со осум поени позитива (44-36).

Третиот период целосно им припадна на охридските кошаркари. Од самиот почеток „галебите“ наметнаа агресивно темпо на кое гостите немаа одговор. Позитивата на семафорот на гостиварчани се топеше и дојде до 55-55. Домаќините на крајот успеаја и да го преземат водството и во решавачките десет минути да тргнат со водство (60-57).

Последните десет минути понудија се и сешто во „Билјанини Извори“. Водството се менуваше секој момент. Никоја од екипите не се одлепи повеќе три поени. Охриѓани во трите последни минути имаа водство 71-70 и 73-72. Гостите со 4-0 серија дојдоа до 76-73. Тогаш домаќините не реализираа, гостите мудро го одржаа водството и ги освоија бодовите.

Најпрецизен во домашниот состав беше Рос Кенет со 27 поени, Реми Бери реализираше 16, а Емир Зимиќ застана на 11 поени. Кај гостите 22 кошеви постигна Тодоровиќ, а 20 Шегариќ.

OhridNews