Лидерот на табелата во Првата кошаркарска лига, Работнички го задржаа перфектниот скор сезонава, откако во деветтата рунда го совладаа составот на АВ Охрид 95-75 (33-18, 24-16, 19-26, 19-15).

„Црвено белите“ предноста за победа ја направија во првата четвртина која ја добија со 15 поени (33-18). Во преостанатите три охридските кошаркари беа најмалку рамноправен ривал, но разлика од првите десет минути беше недостижна.

Поразот во Скопје е вкупно петти за охриѓани во Првата лига, додека Работнички е непогрешлив и скор девет од девет го чува врвот на табелата.

Најпрецизен во составот на АВ Охрид со 23 поени беше Емир Зимиќ, 19 реализираше Реми Бери, додека 16 постигна Рос Кенет. Во домашната екипа Бојан Крстевски беше најефикасен со 19 кошеви.

Во следната десетта рунда „галебите“ одново гостуваат во Скопје, а силите ќе ги одмерат со МЗТ Скопје.

OhridNews