Кошаркарите на Блокотехна експресно им се вратија на победите во Првата лига, откако во 18-та рунда во „Билјанини Извори“ го совладаа составот на АВ Охрид со 72-63 (19-10, 17-20, 18-16, 18-17). Охриѓани и покрај поразот одиграа доста добар натпревар и го „испотија“ фаворизираниот гостински состав да стигне до победата.

Воведните десет минути поминаа во знакот на Блокотехна, која со серија во финишот дојде до позитива од 19-10. Поентерскиот низ и добрата игра во одбрана продолжи и во вториот период во кој Блокотехна стигна до најголема предност (31-14). Негатива не ги поколеба охриѓани кои со серија од 12-0 дојдоа до 31-26. Сепак, гостите ја смирија топката, не дозволија целосен пресврт и на одмор заминаа со плус шест 36-30.

Третиот квартал донесе многу возбудувања, а „галебите“ стигнаа од минус два (43-41), но немаа сила комплетно да го анулираат водството на гостите. Искуството во клучните моменти од третата четвртина излезе на површина и Блокотехна не само што ја врати позитивата од шест поени, туку ја зголеми на осум (54-46) пред решавачките десет минути. Охриѓани продолжија да се борат и да ја спуштат негативата на пет поени, но во последните минути од мечот поради пет лични грешки ги загубија најефикасните Стеван Глигоријевиќ и Рос Кенет. Блокотехна, предводена од Данило Мијатовиќ знаеше да го искористи тоа и дојде до триумф (72-63) во Охрид.

Глигоријевиќ одигра нов добар натпревар постигнувајќи 16 поени, а 12 реализираше Рос Кенет, кој додаде уште 3 аситенции и 3 скокови. Во составот на Блокотехна најефикасен беше Мијатовиќ 26 кошеви, а двоцифрен учинок имаа уште Бенџамин 15, Главчев 14 и Ѓуроски 13.

Во 19-та рунда од Првата лига, АВ Охрид гостувар кај составот на Гостивар.

OhridNews