Пласманот во плејофот за охридските кошаркари полека станува реалност, откако пред своите гледачи го совладаа Фени Индустри со 79-63 (28-25, 14-18, 24-9, 13-9) во 14-та рунда од Првата македонската кошаркарска лига. „Галебите“ до седмиот триумф сезонава и егал (7-7) на табелата стигнаа со маестрална игра во напад и одбрана во второто полувреме.

Домашните кошаркари добро го отворија мечот и поведоа со 11-7, но гостите брзо се консолидираа и дојдоа до предност (13-16). На серијата од кавадарчани избраниците на Петар Чочороски возвратија со (9-2) за нова предност 22-18. Охриѓани го задржаа водството до крајот на првата четвртина и после десет минути водеа со (28-25).

Вториот квартал охриѓани го одиграа слабо во напад, а гостите максимално го искористија тоа. Во еден момент предноста на Фени Индустри изнесуваше плус 8 (39-31). Но, добриот финиш на охридските кошаркари им донесе прифатлива негатива од еден поен (42-43) на полувремето.

Целиот квалитет и искуството акумулирано од АБА мечевите охриѓани го покажаа во третиот период. Лесните поени брзо ги менуваа бројките на семафорот кај домаќините, а гостите немаа поени од игра цели четири минути. „Галебите“ прво дојдоа до двоцифрена предност 54-47, а по половина час игра АВ Охрид стигна до 64-52.

Маестралната игра под обрачот на домашните кошаркари продолжи и во решавачките десет минути во кои охриѓани ниту за момент не помислија за опуштање. Водството на охриѓани достигна и до 22 поени, а гостите со неколку поени во серија стигнаа да го ублажат поразот.

Мартин Јунаковиќ постигна 20 поени, еден помалку реализираше Рос Кенет, капитенот Антонио Донески застана на 17, а дабл дабл учинок запиша Емир Зимиќ кој уфрли 14 поени и 14 скокови. Во гостинскиот состав Вокер реализираше 20 поени, Коцев и Петровски застанаа на 14 кошеви.

Охриѓани во 15-та рунда од Првата лига гостуваат во Гевгелија кај Кожув во меч кој има исто значење како и овој со Фени Индустри.

OhridNews