Кошаркарите на Фени Индустри запишаа нови два бодови на табелата во Првата лига совладувајќи го составот на АВ Охрид во 17-та рунда од македонскиот кошаркарски шампионат со 101-86 (20-16, 29-19, 29-22, 23-29).
Избраниците на Љупчо Малинков со триумфот во спортската сала „Билјанини Извори“ ја продолжија позитивната серија во кошаркарската елита и направија чекор напред кон обезбедување на пласман во Супер лигата. Охриѓани годинава ќе се борат за опстанок односно избегнување на 11-то место кое води во баражот.
„Галебите“ добро го отворија натпреварот и поведоа со 6-0, а скоро и со 10-3. Гостите возвратија со 8-0 за прво водство (11-10). До крајот на првата четвртина Фени Индустри не ја испушти предноста и заврши со 20-16.
На стартот од втората четвртина охридските кошаркари успеаја да го анулираат водството на противникот и да го преземат. Но, Фени Индустри уфрли брзина погоре и го крена нивото на играта и со неверојатна серија (14-1) стигна до двоцифрена позитива 37-26. На одмор заминаа со плус 14 (49-35).
Во третиот квартал Фени Индустри за дополнителни седум поени ја зголеми предноста и ги реши сите дилеми околу победникот. Во последниот четврти период гостите се опуштија, а кошаркарите на АВ Охрид искористија да ја намалат негативата и да претрпат пристоен пораз (101-86).
Со 23 поени најпрецизен во составот на Фени Индустри беше Кенет Фундерберг, а добра поддршка имаше од Лук Мејер и Јане Петровски кои постигнаа по 16 кошеви. Во тимот на АВ Охрид најефикасен заврши Ѓорѓи Зафиров кој постигна 17 поени.
Во следната рунда „галебите“ гостуваат кај Блокотехна, додека Фени Индустри го пречекува Работнички.
OhridNews