Кошаркарите на АВ Охрид со убедлив и рутински триумф над Струмица 103-61 (23-17, 22-14, 27-9, 31-21) ја започнаа втората полусезона во Првата кошаркарска лига. Избраниците на Петар Чочороски во целост ја оправдаа фаворитската улога на натпреварот во „Билјанини Извори“ и запишаа нови два бодови на табелата во елитата.
Гостите повеќе од пет минути имаа минимална предност, а „галебите“ со серија од 8-0 поведоа со 21-15 и најавија победата. На стартот од вториот квартал охриѓани направија 4-0 серија и стигнаа до двоцифрена предност (27-17). Таа разлика се одржуваше до крајот на првото полувреме кое заврши (45-31) во корист на домаќините.
Во третиот период охриѓани распукаа кон кошот на Струмица постигнувајќи 27 поени. Добрата одбрана која дозволи само девет поени наговести убедлив триумф на АВ Охрид. Последните десет минути беа чиста формалност, а домашниот состав на задоволство од публиката забележа победа со 103 постигнати поени.
Охриѓани стигнаа до шестиот триумф со кој го изедначија скорот на табелата во Првата лига, додека Струмица е закована на дното со една победа.
Сите кошаркари во тимот на АВ Охрид се запишаа во листата на стрелци, а се издвоија Јунаковиќ (18п), Зафиров (15п), Зимиќ (14п), Донески (10п) и Михајлоски (10п). Кај гостите најпрецизен беше Делипетров со 24 постигнати поени.
Во втората рунда во втората полусезона АВ Охрид гостува кај тимот на Куманово.
Фото-галерија:
Убедлив и рутински триумф на охриѓани.
OhridNews