Кошаркарите на Вардар извојуваа драматична победа во СРЦ „Билјанини Извори“ совладувајќи го АВ Охрид со 73-70 (24-22, 17-8, 10-19, 23-21) во четвртата рунда од плејаут лигата. За охридските кошаркари ова е втор пораз во серија на домашен терен, откако изгубија и од Пелистер.

Првиот квартал после неколку изедначувања и пресврти им припадна на гостите со тесен резултат (24-22). Во втората четвртина кошаркарите на АВ Охрид потфрлија во нападот постигнувајќи само 8 поени, а „црвено црните“ максимално искористија и на одмор обезбедија двоцифрена предност (41-30).

„Галебите“ во третата четвртина го покажаа сиот свој квалитет и анулираа девет поени од негативата. Повеќе од пет минути гостите не постигнаа поени, а охриѓани стигнаа до 39-41. До крајот на четвртина АВ Охрид имаше и водство 44-43, но „вардарци“ успеаја да ја вратат позитива 51-49.

Избраниците на Петар Чочороски со серија од 10-2 во првите минути од решавачките десет го презедоа водството (59-53). И покрај налетот на охриѓани, „црвено црните“ не се откажаа и возвратија со 7-0 и водство 60-59. Водството се менуваше до крајот од мечот. На 8 секунди до финишот Вардар поентираше  преку Анастасов за водство 71-70, охриѓани имаа шанса за победа, но Атанасов не ги реализираше двете слободни фрлања, а на спротивната страна Анастов со нови поени стави печат на победата 73-70.

Во составот на АВ Охрид поентерски се истакна Лука Милојевиќ со 18 поени, а двоцифрен учинок имаа уште Андрејевиќ (12п) и Атанасов (11п). Кај гостите Радош уфрли 18, а го следеаја Цветкоски со 16 односно Ивановиќ со 12 кошеви.

Во петтата рунда од плејаутот охридските кошаркари ќе го пречекаат составот на Фени Индустри.

OhridNews